Денеска, во Владата на Република Северна Македонија, се одржа свечена седница по повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Со седницата раководеше Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, кој во своето обраќање ја истакна историската и политичката важност на овој договор за стабилноста, еднаквоста и европската иднина на земјата.
Говорејќи за значењето на јубилејот, Првиот заменик-претседател на Владата истакна дека 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор е момент за потсетување на минатото, но и за размислување за одговорноста на институциите кон иднината на земјата.
Според министерот Сали, Охридскиот рамковен договор беше инструментот што го стави крај на конфликтот од 2001 година и воспостави нов пристап во организацијата и функционирањето на државата, засновајќи ја стабилноста врз партнерството меѓу заедниците, граѓанската еднаквост и правичната застапеност.
„Демократијата не се мери само преку слободни избори, туку и преку способноста на институциите да гарантираат инклузивност, правична застапеност, дијалог и доверба меѓу граѓаните“, истакна министерот Сали.
Првиот заменик-претседател на Владата нагласи дека Охридскиот рамковен договор не треба да се гледа само како историски документ, туку како жив механизам на уставниот поредок и како политичка насока за институциите на земјата. Во таа насока, тој ја спомена и иницијативата на Владата за Законот за правична и соодветна застапеност, предложен за усвојување во Собранието.
Првиот заменик-претседател на Владата истакна дека искуството од изминатите 25 години покажало дека стабилноста се гради преку дијалог, комуникација, компромис и почитување на договорите.
„Дијалогот не треба да се гледа како компромис со принципите. Дијалогот е најдемократскиот начин за заштита на принципите“, истакна Сали, нагласувајќи ја важноста од продолжување на соработката и партнерството меѓу заедниците.
Во своето обраќање, тој посочи дека зачувувањето на меѓуетничкото партнерство е стратешки интерес на Република Северна Македонија. Според министерот Сали, една мултиетничка држава може да биде успешна само кога секоја заедница се чувствува како рамноправен дел од институциите и како заеднички одговорна за иднината на земјата.
Во овој контекст, Првиот заменик-претседател на Владата го поврза духот на Охридскиот рамковен договор и со процесот на европска интеграција, нагласувајќи дека европскиот принцип „Обединети во различностите“ се совпаѓа со филозофијата на договорот, кој мирот го изгради врз прифаќањето и почитувањето на различностите.
На крајот, Првиот заменик-претседател на Владата истакна дека задачата на денешната генерација не е само да го зачува Охридскиот рамковен договор како историско достигнување, туку и да го надградува преку поефикасни институции, зајакнување на довербата меѓу заедниците и изградба на држава со високи европски стандарди.
„Нека биде овој јубилеј не само потсетување на она што го постигнавме, туку и заложба за она што треба да го изградиме“, заклучи министерот Сали.


