Општина Битола ќе спроведе дополнителна, вонредна дезинсекција против комарци како превентивна мерка поради епидемиолошката состојба во земјата и зголемениот ризик од ширење на Западнонилската треска.

Иако според Центарот за јавно здравје – Битола до 9 август беа реализирани сите предвидени редовни активности (три ларвицидни и три адултицидни третмани), прогласената епидемија во делови од Скопје наложи дополнителни мерки.

Дополнителната ларвицидна дезинсекција, насочена кон уништување на ларвите, ќе се спроведе на 19 август.

Адултицидната дезинсекција за уништување на возрасните комарци ќе се реализира од 23 до 27 август.

Со комбинирањето на овие мерки, локалните власти очекуваат дополнително намалување на популацијата на комарци и превенција од пренос на векторски заболувања.

Од Општина Битола информираат дека состојбата постојано ќе се следи во соработка со Центарот за јавно здравје и по потреба ќе се преземаат нови чекори.

Поради тоа, локалната самоуправа ги повикува граѓаните да ја отстранат застојаната вода од дворовите, терасите и саксиите за да се спречи нивно размножување.

Исто така, се препорачува користење заштитни мрежи на вратите и прозорците и примена на средства за лична заштита од убоди.

Exit mobile version