Управата за јавни приходи (УЈП), во соработка со Македонската банкарска асоцијација (МБА), одржа работилница за проектот е-Фактура, на која присуствуваа околу 50 претставници од банкарскиот сектор.
Работилницата е дел од заедничките активности за дигитализација на процесите на фактурирање и зајакнување на соработката меѓу институциите и бизнис-секторот.
Банкарскиот сектор, како активен партнер на УЈП во областа на безготовинските плаќања, зазема важна улога во воведувањето и примена на системот е-Фактура.
За време на обуката, пред учесниците беа презентирани функционалностите на системот, а претставниците на банките имаа можност и практично да го тестираат процесот на креирање електронска фактура.
Навременото запознавање со новите дигитални процеси треба да овозможи полесна и поефикасна примена на системот во практиката.
Од УЈП информираат дека оваа работилница е дел од широк циклус активности, во чиј рамки претходно беа организирани средби и со шпедитери, општини, јавни претпријатија и приватни компании.
Управата упати благодарност до МБА за иницијативата и конструктивната соработка во процесот на дигитална трансформација.
Во следниот период, УЈП најавува продолжување на активностите за информирање, практична поддршка и тестирање на е-Фактура со сите засегнати страни.


