Властите на Гренланд ја принудија американската нафтена компанија поврзана со Доналд Трамп да го одложи планираното дупчење на арктичката територија. Со оваа одлука тие директно ги демантираа најавите на претставникот на Трамп, кој тврдеше дека експлоатацијата на сурова нафта може да започне уште следната година, објави „Гардијан“.
Тензиите на источниот брег на Гренланд се зголемија по најавите на Трамп за можно преземање на територијата. Изминатиот месец компанијата донесе опрема за дупчење на брегот без соодветна дозвола, што предизвика реакција и „строго предупредување“ од локалната самоуправа.
Само една недела пред компанијата „Гренланд Енерџи“ да започне со планираните активности, владата објави дека проектот се запира.
„Неопходната регулаторна постапка не може да се заврши и затоа не можат да се добијат потребните одобренија пред планираниот почеток на дупчењето“, се наведува во официјалното соопштение за медиумите.
За време на преговорите, властите на Гренланд изразија загриженост дека предвидениот временски рок е премногу краток за спроведување соодветна проценка на влијанието врз животната средина и општеството.
По овие случувања, владата и компанијата потврдија дека дупчењето, доколку биде одобрено, би можело да започне најрано во зимата 2027 година.
Овој развој на настаните е во спротивност со изјавите од мај на Џеф Ландри, гувернер на Луизијана и претставник на Трамп во Гренланд. Ландри, кој припаѓа на десницата, по посетата изјави дека нафтата од Гренланд би можела да ја ублажи енергетската криза предизвикана по нападот на САД врз Иран.
Ландри, чија цел е „Гренланд да го направи дел од САД“, тогаш изјави: „Би можеле да почнеме да ги произведуваме тие барели за околу десет месеци“.
Извршниот директор на „Гренланд Енерџи“, Роберт Прајс, тврди дека под регионот Џејмсон Ленд се наоѓа нафта во вредност од билион долари.


