Пет недели граѓаните на Гостивар се соочуваат со недостаток на чиста вода за пиење, а соодветни резултати од анализите сè уште не се јавно објавени, обвинија денеска од СДСМ на прес-конференција преку Маја Борозан.
Од партијата посочуваат дека институциите излегуваат со контрадикторни информации, додека во градот постојано се регистрираат нови случаи на затруени и реинфицирани граѓани.
Прво, велеа водата може да се користи како „техничка“, па потоа Клековски призна дека во водата има бактерии, не една туку повеќе. Никогаш не објавија извештај и резултати за водата, кој одобрил да се користи, кој потпишал – изјави Борозан.
Според СДСМ, над 5.000 граѓани во Гостивар имаат здравствени последици, што според нив е показател за неспособноста на власта да се справи со оваа здравствена криза.
Од опозициската партија предупредуваат дека ова не е изолиран случај и дека во повеќе од 50 населени места низ земјава водата за пиење не е безбедна.
Вчера надлежните потврдија дека загадена е и водата за пиење во Свети Николе – утврдени се микробиолошки отстапувања во водата од водоводната мрежа. Затруени се реките Тополка и Бабуна. Бела хемиска материја имаше во реките Лепенец и Вардар – нагласија од СДСМ.
Од партијата упатија апел до власта за итно спроведување и јавно објавување на анализите за квалитетот на водата во целата држава.


