Загреб за старт на преговорите со ЕУ до крајот на годинава- Скопје очекува поддршка и од Софија и почитување на европските вредности

Хрватските власти изразија поддршка за членство на Македонија во ЕУ и очекуваат првата Меѓувалдина конференција меѓу земјава и Унијата да се одржи до крајот на годинава, додека во исто време од Скопје упатени пораки дека се очекува Бугарија и во иднина да продолжи да биде голем поддржувач за нашите евроатлантски интеграции, а ЕУ во односот кон земјава да покаже дека е заедница на вредности и принципи.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вчера престојуваше во посета на Загреб, порача дека Хрватска цврсто го поддржува пристапувањето на земјава во Унијата и очекува до крајот на годината да се одржи Меѓувладината конференција Северна Македонија – ЕУ, што ќе означи старт на преговорите за членство,

– Хрватска цврсто ја поддржува Северна Македонија како држава – кандидатка за членство во ЕУ и очекува дека брзо ќе почне процесот за отворање на преговорите. Хрватска очекува дека до крајот на годината, за време на германското претседателство со ЕУ, ќе биде свикана Меѓувладината конференција заради отворање на преговорите, истакна Пленковиќ.

Поддршката од Загреб за евроинтеграцијата на земјава е потврдена и на средбата на Османи со неговиот хрватски колега Горан Грлиќ Радман., на која е оценето дека продолжувањето на политиката на проширување на Унијата ќе биде позитивен сигнал за целиот Регион, како суштински интерес и на земјите членки на ЕУ за европски Западен Балкан.

Хрватската поддршка следи отакако и Словенија, која Османи ја посети во понеделникот, изрази силна поддршка за македонскиот евроинтеграциски процес и испрати јасна порака за одржување на Меѓувладината конференција до крајот на годината.

Во исто време, од Скопје премиерот Зоран Заев изрази уверување дека Бугарија, која и досега беше голем поддржувач на нашите евроатлантски интеграции, ќе продолжи да не поддржува и во иднина и дека во прака ќе се потврдат изјавите од Софија за таквата голема поддршка.

– Верувам дека тоа ќе се случи во декември, но ако не се случи, тогаш треба да се знае дека се барало од нашата страна нешто за што ние никако ниту смееме да разговараме, ниту би сакале да прифатиме. Но, да оставиме простор да се разговара од страна на комисиите, беше дециден Заев.

Премиерот порача дека Бугарија не бара од Северна Македонија промена на Уставот и решението на сегашниот спор не е преку потпишување на нов договор.

– Ние веќе имаме договор. Тоа е Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Низ тој договор се решаваат историски поглавја што треба да бидат дел од нашето заедничко чествување низ кое ќе го градиме пријателството, а тоа е како дел од заедничката историја. Во договорот што е потпишан, потпишан е на македонси јазик и на бугарски јазик, се зборува за двата народа, истакна Заев, додавајќи дека очекувам исчекор и израз на огромно пријателство од страна на Софија.

 

  

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.10.2020 - 08:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега