Македонската православна црква и верниците утре го празнуваат Покровот на Пресвета Богородица, празник со кој се одбележува нејзиното застапништво и духовна заштита на христијанскиот род.
Според црковното предание, празнувањето е воспоставено во спомен на настанот од 1 октомври 911 година во Влахернската црква во Цариград, кога во времето на царот Лав Мудриот, за време на сеноќното бдение, Пресвета Богородица му се појавила на свети Андреј Јуродив со раширечен омофор, опкружена со светители и апостоли, молитвено покривајќи го присутниот народ.
Црквата потсетува дека помошта и застапничките молитви на Пресвета Богородица низ вековите се покажале очигледни во сите неволји, како за поединците, така и за народите, во мир и во време на искушенија.

