На денешен ден се навршуваат 23 години од смртта на Ѓорѓи Колозов, еден од најпознатите македонски актери, чии улоги во „Македонски народни приказни“ оставија неизбришлива трага кај публиката.
Роден е на 26 февруари 1948 година во Богданци, а почина на 13 октомври 2003 година во Скопје, на 55-годишна возраст.
Колозов дипломирал на Академијата за драмска уметност во Скопје во 1973 година, по што се вработил во Македонскиот народен театар, каде што ја продолжил својата актерска кариера.
Иако настапувал во театарски претстави, филмови и телевизиски продукции, публиката најмногу го памети по култниот серијал „Македонски народни приказни“. Во нив оживеа бројни ликови од македонското народно творештво, меѓу кои цареви, чорбаџии, кадији, селани, па дури и ликот на Господ.
Со својот препознатлив изглед, глас и начин на глума, Колозов стана миленик на генерации гледачи и го доби прекарот „македонскиот цар“. Неговите улоги и реплики останаа дел од колективното сеќавање, а приказните во кои настапуваше и денес се гледаат со голема носталгија.
Покрај телевизиските улоги, Колозов остави белег и во македонската филмска уметност, со настапи во филмовите „Македонскиот дел од пеколот“, „Истрел“ и други продукции.
И по 23 години од неговата смрт, Ѓорѓи Колозов останува едно од најпрепознатливите имиња во македонската актерска историја. Неговите ликови продолжуваат да живеат преку народните приказни, потсетувајќи на актерот кој со својата дарба успеа да ги приближи македонската традиција и народната мудрост до сите генерации.

