Обвинетата за сообраќајна несреќа со смртни последици, Ива Михаилова од Кочани која поседува двојно државјанство, македонско и бугарско, избегала од Македонија во Бугарија.
Иако таа за бугарските медиуми тврди дека легално ја поминала границата, во системот на МВР не е евидентиран нејзиниот излез од државата. Таа се наоѓа на Стоп листата на МВР бидејќи со судска наредба ѝ е одземен пасошот и има забрана за напуштање на државата.
-Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија, велат од МВР.
Од Јавното обвинителство, пак, велат дека сѐ уште не добиле известување од Внатрешни работи.
Михаилова претходно беше пречекана во Бугарија од бугарските медиуми. Во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ рече дека нема ништо нелегално во нејзиното преминување на македонско-бугарската граница и дека тоа го сторила со своите лични документи. На прашањето како ѝ било дозволено да замине од Македонија, таа вели оти граничната полиција соработувала.
„Ја преминав границата со моите документи. Вчера се чувствував многу лошо. Разговарав со мојот адвокат и се договоривме – заедно одлучивме тој да дојде по мене и јас да се вратам во Бугарија. Ги предадов документите на проверка и нè пуштија. Поминавме низ контрола. Немаше ништо незаконско во моето преминување. Следно, треба да бидам примена во болницата ‘Пирогов’ на лекување, по што ќе следи рехабилитација“, изјави Михаилова за БНТ.

