Грејната сезона за потрошувачите на системите за централно греење во Скопје ќе почне два дена порано, на 13 октомври, соопшти ЕСМ Снабдување.
Причината за тоа е падот на температурите.
-Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но во согласност со регулативата може да започне и порано, во периодот од 1 до 15 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден е еднаква или пониска од 12 °C. Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за 13 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 12 °C, со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на РКЕ. До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавуваат информации за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за наредниот ден, велат од ЕСМ Снабдување.
Оттаму бараат од сите корисници да ги завршат подготовките на своите внатрешни грејни инсталации, чие редовно одржување е нивна обврска.
-Воедно, ги повикуваме заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници, редовно електрично напојување, подмирени сметки за електрична енергија и функционални електрични инсталации. Завршените интервенции треба веднаш да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи. Сите потрошувачи на ЕСМ Снабдување со топлина можат да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на објекти без услови за испорака на топлина на следниот линк: Затворени објекти – ЕСМ Снабдување. За дополнителни информации, пријавување дефекти и известување за завршени интервенции, потрошувачите можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на ЕСМ Снабдување, на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, како и во службите на ЕСМ Енергетика на телефонските броеви 02 3104 816 и 02 3104 872, се вели во дописот од ЕСМ Снабдување.

