Општина Кисела Вода започнува со реализација на проектот „Безбедно домување“, чија цел е решавање на проблемите со кои се соочуваат управителите на станбени згради, куќните совети и заедниците на станари.
Како што информира Бети Стаменкоска Трајкоска, во рамки на иницијативата била одржана работна средба со претставници на куќните совети и заедниците на станари, на која присуствувале и општинските инспекциски служби, како и претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски.
На средбата биле разгледани предизвиците со кои секојдневно се соочуваат станарите, а како приоритети биле издвоени редовното одржување и контролата на заедничките делови во зградите, противпожарната безбедност, проодноста на евакуациските патишта, навременото пријавување оштетувања и почитувањето на Законот за домување.
За полесна комуникација со граѓаните и поефикасно постапување по пријавите, Општината отвори посебна електронска адреса: **bezbednodomuvanje@kiselavoda.gov.mk**.
Преку оваа адреса, граѓаните, управителите и куќните совети ќе можат директно да ги контактираат општинските инспекциски служби и да пријавуваат проблеми поврзани со безбедноста и одржувањето на станбените објекти.

