Паркот во Градски ѕид, во делот зад „Краш“, доби нов изглед со уредување на детско игралиште, вежбалница на отворено и нови зелени површини.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, при обиколката на просторот истакна дека целта е да се создадат подобри услови за игра, рекреација и дружење на жителите.
Детското игралиште е опремено со тобогани, мрежи за качување и мостови, а поставени се и соодветна заштитна подлога и ограда. Во новата вежбалница, пак, граѓаните ќе можат да спортуваат и да се рекреираат во близина на своите домови.
Во рамки на уредувањето се обновени пешачките патеки, поставени се нови клупи и канти за отпадоци, а засадени се и 90 нови садници и дрвја. Дополнително, уредена е тревната површина и поставен е систем за наводнување.
„На овој начин создаваме повеќе можности за децата да играат и да се забавуваат на отворено, за соседите да се дружат, а за сите што сакаат да вежбаат да имаат место за рекреација во своето маало“, порача Герасимовски.
Од Општина Центар посочуваат дека продолжуваат со уредување на маалските паркови и зелените површини со цел подобрување на условите за живот на граѓаните.

