Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, вчера присуствуваше на свечениот настан по повод одбележувањето на 80 години централно банкарство во Македонија.
-Присуствував на свечениот настан по повод одбележувањето на 80 години централно банкарство во Македонија, значаен јубилеј кој сведочи за осум децении институционален развој, финансиска стабилност и градење на монетарниот суверенитет на нашата држава. Од историските почетоци во 1946 година до современата Народна банка, овој јубилеј претставува потсетник за важноста на силните, независни и професионални институции како темел на стабилна и просперитетна држава, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Мицкоски во постот додава дека државноста се гради со визија, одговорност и институции кои траат низ генерациите.
-Стабилниот финансиски систем, довербата во националната валута и одговорното водење на монетарната политика се од суштинско значење за економската сигурност на граѓаните и развојот на македонската економија. Наша заедничка обврска е да го почитуваме институционалното наследство, но и посветено да работиме на создавање силна, економски стабилна и европски перспективна Македонија, напиша тој.

