Спроведувањето на законските измени и обезбедувањето на неопходната техничка опрема за полициските службеници на терен ќе бара период од шест месеци до една година, со цел граѓаните конечно да можат да ги користат дигиталните лични карти и возачки дозволи при легитимирање. Процесот на трансформација бара координиран пристап, при што во моментов интензивно се работи на дефинирање и мапирање на сите закони и подзаконски акти кои мора да претрпат соодветни корекции.
Истовремено, Министерството за внатрешни работи веќе презема конкретни чекори со набавка на нови патролни возила опремени со соодветни уреди за верификација, со што се поставуваат техничките темели за целосно прифаќање на електронските документи на терен.
„Ова е процес што мора да почне, а почнува од Министерството за дигитална трансформација со формирањето на дигиталниот паричник, кој е уреден во Законот за електронски документи, член 20 г, кој утврдува кој е начинот на верификација. Од ова, како и со целиот процес на дигитализација почнуваат промени во сите други институции. Ние веќе променивме 140 закони што се однесуваат на прифаќањето на електронски документи кои бараат фотокопипи од податоци. На истиот начин ќе пристапиме и на ова“, рече Андоновски.
Министерот посочува дека МВР е клучен партнер во целиот овој проект бидејќи ги управува базите на податоци за личните карти и возачките дозволи. Сепак, дигитализацијата нема да застане само на полицијата, туку постепено ќе се прошири низ целиот јавен и приватен сектор – вклучувајќи ги банките, осигурителните компании, супермаркетите и угостителските објекти.
„Министерството учествува зашто од него ги влечеме податоците за личната карта и возачката дозвола. Потребни се одредени измени во подзаконските акти во МВР кои се однесуваат на изгледот и формата на личната карта и возачката дозвола и очекувам дека на таков начин, со промени и со технолошко зголемување на технички техничките можности, една по една институција ќе почнат да ги прифаќаат. Ова е пракса од цела Европа, на овој начин се развиваат дигиталните паричници. Така ќе биде и кај нас. Веќе разговараме со претставници од банкарскиот сектор кои велат дека и во нивната регулатива имаат забелешки што им бараат да чуваат фотокопија од лична карта при секое ажурирање на податоците. Таквите процеси во секој поединечен закон ќе треба да ги менуваме, но ова е постапка што ја почнавме и ќе одиме само напред“, дециден е министерот.
Како позитивен модел во европски рамки беше посочена Полска, каде што алатката беше воведена во 2019 година, а полициските органи започнаа со оперативно прифаќање на дигиталните документи две години подоцна.
„Оттука, очекувам дека нам ќе ни бидат потребни најмалку шест месеци до една година да ги завршиме неопходните измени, зашто во моментот работиме на мапирање – кои се тие членови и од кои конкретни закони што бараат промени. МВР, пак, работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, уреди за и припадниците на МВР да можат да си ја завршат својата работа. Ќе почнеме и од приватниот сектор, од супермаркети, локали, барови, банки, осигурителни компании,…, ова е процес што ќе треба полека да влегува во секоја институција, не е само Министерството за внатрешни работи“, објасни министерот Андоновски.

