Учениците од основните и средните училишта во Србија денеска, 16 ноември, се враќаат на настава по петдневниот есенски одмор, додека следниот зимски распуст ќе започне во различни термини во зависност од регионот и степенот на образование.
Согласно училишниот календар за учебната 2026/2027 година, први на зимски одмор ќе заминат учениците во Војводина. За нив првото полугодие завршува на 23 декември, а распустот ќе трае од 24 декември до 8 јануари 2027 година. Во училишните клупи во оваа покраина ќе се вратат во понеделник, 11 јануари, една недела порано од нивните врсници во остатокот од земјата.
Во централна Србија, првото полугодие за основците завршува на 30 декември, па нивниот зимски распуст официјално започнува на 31 декември 2026 година. За средношколците, 31 декември е предвиден како работен но ненаставен ден, а нивниот одмор стартува на 4 јануари 2027 година. Сите ученици во централна Србија наставата ќе ја продолжат во понеделник, 18 јануари 2027 година.
Во текот на второто полугодие следуваат уште неколку паузи. Празниците по повод Сретење се планирани од 15 до 19 февруари 2027 година, што заедно со викендите на учениците им носи вкупно девет последователни слободни денови.
Пролетниот распуст на ниво на целата земја ќе трае од 30 април до 4 мај 2027 година, со враќање на настава в среда на 5 мај, додека во Војводина дополнителни ненаставни денови се предвидени и за 26 и 29 март 2027 година.
Учебната година за учениците од прво до седмо одделение во Војводина завршува на 11 јуни, а летниот распуст почнува на 12 јуни 2027 година. Во централна Србија летниот одмор стартува на 14 јуни, додека за матурантите и завршните години важат посебни термини согласно полагањето на испитите.

