42-годишната д-р Малтина Ферати од Тетово е една од двете жртви во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 ноември во Албанија, во близина на тунелот Муриз, кај местото Џибер. Во несреќата животот го загубија две лица, а петмина беа повредени.
Според информациите од албанската полиција, несреќата се случила околу 10:15 часот, кога од засега неутврдени причини дошло до директен судир меѓу два патнички автомобили.
Покрај Ферати, во несреќата загинал и 42-годишниот Бледијан Османи, кој управувал со едното возило. Малтина Ферати била сопатничка во автомобил управуван од 45-годишниот А.Ф.
Останатите пет лица биле пренесени во болница, каде им била укажана медицинска помош.
Од Клиничката болница во Тетово се простија од својата колешка, упатувајќи сочувство до семејството, пријателите и сите што ја познавале.
Во прошталната порака наведуваат дека д-р Ферати била важен дел од институцијата и дека со професионалност, посветеност и одговорност им служела на пациентите. Таа ја извршувала функцијата раководител на Лабораторијата, каде што ја покажувала својата стручност и посветеност на работата.
Колегите ја паметат не само по професионалниот ангажман, туку и по позитивната енергија, насмевката, добрината и подготвеноста секогаш да им помага на другите.
„Нејзиното прерано заминување остава голема празнина меѓу нас. Нејзиниот професионален придонес и убавите спомени што ги остави зад себе засекогаш ќе останат дел од историјата на нашата институција“, наведуваат од Клиничката болница во Тетово.
Од болницата упатија најискрено сочувство до семејството, блиските, пријателите и сите кои ја познавале и почитувале д-р Малтина Ферати.

