Откупот на тутунот во земјава се одвива непречено, без проблеми и забелешки, а од почетокот на кампањата на 17 ноември досега се преземени околу 1.300 тони тутун, информираат од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.
Од вкупно 10 откупни фирми, веќе осум го преземаат родот во прва класа по цена од 435 денари за килограм, додека преостанатите две компании – „Сокотаб“ и „Пашоски“ – треба да ги отворат пунктовите до крајот на месецов, пред законскиот краен рок на 15 декември.
„Нема никакви проблеми во текот на откупната кампања на тутунот. Веќе осум фирми го преземаат родот од производителите, а уште две фирми „Сокотаб“ и „Пашоски“, пунктовите ќе ги отворат до крајот на месецов. Да потсетиме, крајниот рок за почеток на откупот е 15 декември, но речиси сите компании ги отвораат пунктовите во предвремениот период. Се откупува во прва класа по 435 денари за килограм поради високиот квалитет на родот, одбитоци од 3 проценти има само на долните берби. Од 324 откупни пункта во земјава, се отворени 120“, вели претседателот на Сојузот, Кире Ристески.
Тој додава дека на состанок во Министерството за земјоделство е договорено субвенциите да се исплаќаат според предадените, а не според договорените количества, додека ресорното министерство најави и зголемување на субвенциите од 80 на 90 денари за килограм на сметка на укинувањето на зелената нафта, иако сè уште не е потврдено дали тоа ќе важи од оваа година.
Годинашната реколта се проценува на околу 26.000 тони тутун, а Прилепскиот тутунски комбинат уште од самиот старт ги отвори сите 34 откупни пункта и исплатата тече без застој.

