Од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит пазар во Скопје, во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември, била украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветени хостии, информираше Скопската бискупија, додавајќи дека случајот е пријавен и во тек е полициска истрага.
Од Бискупијата нагласуваат дека за Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот, поради што нивна најголема грижа е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени.
„Скопската бискупија упатува искрен апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа дарохранителницата, а особено Пресветата Причест, да овозможат нејзино враќање што е можно поскоро. Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит“, порачуваат од Скопската бискупија.
Оттаму ги повикуваат граѓаните кои имаат каква било информација да се обратат до надлежните органи, а верниците да се соединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест.

