Реформите во правосудството и исполнувањето на условите за напредок кон Европската Унија биле главни теми на разговорите меѓу министерот за правда Јетон Шасивари и амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.
Во текот на средбата, Рокас му го предал на министерот Извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој се содржани оценките и препораките за работата на Министерството за правда.
Од Министерството информираат дека соговорниците разговарале за досегашните резултати во реформскиот процес, при што биле издвоени и подобрените оценки во споредба со претходниот извештај.
Сепак, било посочено дека е неопходно реформите да продолжат со несмалено темпо, а институциите да ги интензивираат активностите за спроведување на препораките на Европската комисија и обврските предвидени со Реформската агенда.
Министерот Шасивари ја истакнал важноста на поддршката од Европската Унија и оценил дека позитивните оценки се охрабрување, но и обврска за понатамошна работа. Како приоритети ги посочил владеењето на правото, независноста на судството и поголемата ефикасност на правосудните институции.
Двете страни ја потврдиле подготвеноста за продолжување на соработката, со цел реформските процеси да донесат видливи и конкретни придобивки за граѓаните.

