Претседателот на Собранието Африм Гаши вели дека Европската Унија сторила неправда кон Македонија со тоа што по потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на уставното име не ѝ овозможила на земјава побрзо да напредува во евроинтеграциите. Истовремено, Гаши вели дека политичките партии на Албанците се подготвени да ги поддржат уставните измени, но дека внимателно пристапуваат кон ова прашање поради неговата поврзаност со македонскиот идентитет.
На прашањето дали отсуството на земјава од патоказите за напредок во процесот на проширување што Европската комисија ги претстави за четирите најнапредни земји во процесот (Црна Гора, Албанија, Молдавија, Украина) е неправда или одраз на реалноста, Гаши одговори дека се присутни и двата елемента, но дека, како што рече, преовладува неправдата.
-Има дел од реалноста, но повеќе би рекол дека е неправда. Мислам дека кон нашата држава е направена неправда, со тоа што после донесувањето на Преспанскиот договор, менувањето на уставното име, ваков голем компромис, ниту во регионот, ниту пошироко, во Европа не е направено подолго време, не и беше овозможено на земјава побрзо да напредува – вели Гаши во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според претседателот на Собранието, Европската Унија пропуштила можност преку примерот на Северна Македонија да испрати порака дека државите кои се подготвени на големи компромиси за решавање на билатералните спорови можат да очекуваат побрзо напредување кон членството.

