Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, откри дека добил конкретен совет од првиот човек на ЕК како прв чекор за вклучување на Унијата во разговорите со Бугарија, истакнувајќи дека министерот Тимчо Муцунски веќе испратил нота за билатерална средба за време на неговата посета на Софија следната недела.

Говорејќи отворено за предизвиците со источниот сосед, премиерот ги пренесе деталите од разговорите: – Па еве, ќе се обидам да бидам конкретен на вашето прашање и ќе излезам од формалниот дипломатски речник. Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија, причина за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамките на тој Коридор 8, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме, процесот од некаде да го движиме – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека се бара помош од ЕУ за создавање одржливо решение без нови условувања: – Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со взаемно почитување. Исто така, на денешната средба зборувавме, и јас тоа го напоменав, дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната без простор за нови толкувања или дополнителни барања – рече Мицкоски.

Exit mobile version