Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одржа проштална средба со амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на која беа сумирани резултатите од досегашната соработка и проектите реализирани со поддршка на организацијата.
Тошковски му се заблагодарил на Вал за неговиот ангажман и придонес во унапредувањето на соработката со Министерството за внатрешни работи, особено во делот на модернизацијата на полицијата, обуката на службениците и заштитата на ранливите категории граѓани.
Меѓу позначајните реализирани активности биле издвоени два проекта поддржани од ОБСЕ. Преку проектот за воспоставување хибриден образовен систем во МВР, во Полициската академија бил изграден и опремен Мултимедијален центар за обука, кој беше отворен во февруари 2025 година.
Во рамките на истиот проект биле опремени и специјализирани простории за разговор со деца и жртви во секторите за внатрешни работи во Битола, Струмица и Тетово. Целта е да се обезбедат посоодветни услови за постапување со особено ранливите категории граѓани.
Како значаен чекор во јакнењето на безбедносните капацитети бил посочен и проектот за намалување на ризикот од нелегална трговија и злоупотреба на мало и лесно оружје. Во негови рамки бил отворен Регионалниот К9 центар за обука и сертификација во касарната „Ѓорче Петров“, а биле организирани и регионални обуки и конференции.
На средбата биле споменати и кампањата „Животот нема рестарт“, насочена кон подигнување на свеста кај младите за опасностите од злоупотребата на оружје, регионалната конференција за полициска и царинска соработка во Скопје, како и обуката за откривање оружје во Лазарополе во јуни годинава.
Според Тошковски, резултатите од партнерството се видливи преку подобрените услови за полициска обука, современата опрема и зајакнатите капацитети за заштита на граѓаните.
Соговорниците ја потврдиле важноста на продолжувањето на соработката меѓу МВР и Мисијата на ОБСЕ, со акцент на професионализацијата на полицијата, владеењето на правото и јакнењето на довербата на граѓаните во институциите.
На крајот, Тошковски му посакал успех на амбасадорот Вал во идните професионални ангажмани, изразувајќи уверување дека досега воспоставеното партнерство ќе биде добра основа за натамошна соработка.

