Возачите од полноќ точат гориво по значително пониски цени. Новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика веќе стапи во сила, со што цените на нафтените деривати се намалени во просек за 7,51 процент.
Најголемо поевтинување кај бензините има кај двата типа Еуросупер. Бензинот БС-95 се продава за 86 денари за литар, што е намалување за седум денари, додека БС-98 сега чини 88 денари за литар.
Пониски цени важат и за дизелот, кој поевтини за 5,5 денари и сега се точи за 94,5 денари за литар.
Намалена е и цената на екстра лесното масло за домаќинство, кое сега изнесува 103,5 денари за литар, односно 6,5 денари помалку. Мазутот поевтини за 6,26 денари по килограм и се продава за 49,31 денар.
Од Регулаторната комисија посочуваат дека намалувањето е резултат на падот на берзанските цени на нафтените деривати и понискиот курс на доларот, но и на владините мерки за намалување на акцизите.
Акцизата е намалена за два денара по литар кај бензините, односно за четири денари кај дизелот. Дополнително, за дизелот се применува и намалена стапка на ДДВ од 10 проценти.
Новите цени важат од полноќ.

