СДСМ пренесувајќи ја веста дека Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата на работата на Алта банка побара Обвинителството во Македонија да поведе постапки против премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на НБРМ, Трајко Славески.
-Во 2:30 по полноќ Народната банка на Србија објави дека ѝ ја одзема дозволата за работа на Алта банка и дека банката од денес е во стечај. Блокирани се сметките на граѓани и компании. Државни компании имаа депозити во банката. Сите што работеа со државата имаа налог да работат со Алта, велат од СДСМ.
Во дописот се вели дека македонските институции не презеле ништо и покрај нивните предупредувања.
-Со месеци наназад велиме: Алта е банка во сопственост на Александар Вучиќ, криминален капитал, сомнително потекло. Со месеци бараме истрага, реакција од Обвинителството, Народната банка, Финансиската полиција. Молчеа и не преземаа ништо, го штитеа Мицкоски и неговата Организирана криминална група, заедно со сестринската СНС. Нема бегање сега, се вели во соопштението.
Од опозициската СДСМ бараат македонските власти да преземат одговорност.
-Обвинителството уште денес да ги преземе сите мерки и да поведе кривични постапки против Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка на Македонија Славески и сите други што учествуваа во процесите околу Алта банка.
Мицкоски и неговата банда мораат да одговараат за штетата што им ја нанесоа на граѓаните на Македонија и на угледот на државата, велат од СДСМ.

