Педесет и едногодишен македонски државјанин беше уапсен во голема полициска акција во Санкт Гален, Швајцарија, откако бил пријавен за физички напад врз 36-годишен државјанин на Полска.
Инцидентот се случил во четвртокот, околу 21:20 часот, во станбена зграда на улицата „Мецгергасе“.
Според првичните информации, нападнатиот Полјак пријавил во полицијата дека бил удрен со револвер.
Поради пријавата за вмешаност на огнено оружје, на терен веднаш излегле повеќе полициски патроли, специјални единици и тим преговарачи.
Од безбедносни причини, полициските службеници блокирале две улици во централното градско подрачје и извршиле евакуација на гостите од околните ресторани и барови.
Непосредно пред полноќ, специјалците го лишиле од слобода 51-годишниот македонски државјанин.
По спроведените проверки и претресот во станот на осомничениот, полицијата утврдила дека не било употребено огнено оружје, туку метален карабинер, кој бил пронајден и одземен.
По завршувањето на полициската постапка, македонскиот државјанин бил пуштен на слобода.
Швајцарската полиција информираше дека за ова дело постапката се поведува исклучиво по приватна пријава на оштетеното лице, каква што до тој момент сè уште не била поднесена.

