Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува прогласување на повеќе од 20 технолошки компании, меѓу кои Nvidia, Amazon, Microsoft, OpenAI и Anthropic, за „национални шампиони“ во областа на вештачката интелигенција (ВИ), со цел да им го олесни ширењето на странските пазари и да ја зајакне конкуренцијата против кинеската технологија, објавува Wall Street Journal (WSJ), повикувајќи се на извори запознаени со плановите.
Официјалната одлука се очекува во текот на следната недела. Според New York Times, овој потег покажува дека Вашингтон останува посветен на спроведувањето на својата технолошка стратегија и покрај кризата со која се соочува компанијата „Nvidia“.
Преку иницијативата „Национални шампиони“, американските власти настојуваат да ги поттикнат странските држави и компании да се определат за американски решенија за вештачка интелигенција наместо за производи од кинески конкуренти.
Како што појаснуваат од Министерството за трговија на САД, компаниите кои ќе го добијат овој статус ќе имаат пристап до забрзани извозни лиценци за чипови и друга технологија, државна поддршка при настапот на меѓународните пазари, како и можност за федерално финансирање.
Иако програмата првпат беше најавена пред околу една година, имињата на компаниите опфатени со неа досега не беа соопштени. Главната замисла е да се обединат американските чипови, ВИ моделите и придружните производи во единствена понуда за полесен пристап на странските купувачи.
Проширувањето на извозот на американската технологија за вештачка интелигенција е еден од главните приоритети на администрацијата на Трамп од минатото лето, во услови на сè поинтензивен натпревар меѓу САД и Кина за глобална технолошка доминација, пренесува Танјуг.

