Полициски службеник од Полициската станица од општа надлежност Кисела Вода е кривично пријавен бидејќи управувал автомобил без положен возачки испит.
Пријавата против Ф.К. ја поднел Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје.
Според информациите, на 28 октомври на улицата „Ленинова“ во Скопје, полицискиот службеник бил затекнат како управува патничко возило „сеат ексео“ без положен возачки испит.
Тој е пријавен за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност.

