Ако не сте во групата ревносни проучувачи на Библијата, веројатно не сте ни забележале дека апостолот Петар имал сопруга. Всушност, во свеста ни е вградено дека апостолите не биле женети, иако тоа, барем кај некои од нив, е малку веројатно.
Но, податоци имаме само за Петар, а вниманието е насочено кон нејзината мајка, која како и сопругата на апостолот, не е именувана.
Иако Римокатоличката црква тврди дека Петар е првиот папа, таа би сакала да го дискредитира, да го потисне фактот дека апостолот имал сопруга. Но, во Светото писмо тоа е нагласено во тврдењето дека тој имал и жена и дека мајката на неговата сопруга живее со нив и дека била излечена од Исус (Матеј 8, 14-15, Марко 1, 29-34, Лука 4, 38-42).
Така, според Матеј, „кога дојде во домот на Петра, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска, и се допре до раката нејзина, и треската ја остави; таа стана и им служеше“.
Излекување на мајката на сопругата на св. Петар (слика, Џон Бриџис, Музеј Бирмингем)
Дополнително, од Павле, чиј ден го празнуваме утре, на 13 јули, дознаваме дека сопругата на Петар го придружувала својот сопруг на некои од неговите мисионерски патувања грижејќи се за неговите многубројни потреби.
Во Првото послание до Коринќаните 9:5 апостол Павле вели:
„Зар немаме право да водиме со себе сестра, жена верничка, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?“
Ова недвосмислено упатува на тоа дека Петар не само што бил женет туку на патувањата со себе ја водел и својата сопруга.
Не знаеме зошто ни е скриено името на оваа благородна жена, која била верен партнер на Петар во деновите кога бил рибар, а потоа и во текот на долгите години на неговото апостолство. А всушност, зад Петар, за цело време стои симпатична и дискретна жена исполнета со разбирање.
Природно, Петар е импулсивен човек со тенденција да се откажува кога работите ќе се вжештат. Доаѓајќи дома со такво расположение, можеме да замислиме како неговата сопруга разговара со него, го предупредува да оди полека и го поттикнува да се издигне над искушенијата и разочарувањата. Во болест таа ќе биде негова утеха, како што беше кога мајка ѝ има треска. Не ни е кажано дали имале деца во нивниот дом во Капернаум.
Кога апостолот ги напишал своите две посланија и во нив ја опишал идеалната женственост, дали пред себе го имал примерот на својата сопруга, како онаа што беше еднаква, подложна на сопругот и достојна за секаква чест како послаб сад (1. Петрово 3: 1-12)?
Еве што вели Петар во своето Послание за идеалната жена:
„А така и вие жените бидете им покорни на своите мажи, па ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени, да се придобијат без приговор кога ќе видат вашиот чист и богобојазлив живот;
Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетење на косите, китење со злато и облекување со облеки; туку внатрешна, во срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога;
Зашто така некогаш се украсуваа светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мајките свои; како што Сара го слушаше Аврам нарекувајќи го господар. Вие сте нејзините чеда, ако правите добро, не плашете се од ништо. Така и вие мажите, живејте со своите жени во разбирање и почитувајќи ги како послабо суштество и како сонаследници на благодатниот живот за да не се појави препрека во молитвите ваши…“
Дали сопругата го инспирирала Петар да го напише овој опис на скромно облечена жена, која повеќе мисли на украс со кроткиот и тивок дух отколку на разубавена облека? Таа веројатно е највредната сопруга која е подготвена да биде скриена за да може да се унапреди и украси каузата на учителот кому Петар и таа му се посветени. А во овие редови дали ја забележувате тенката нишка што нѐ води кон тоа дека жената треба да му биде покорна на мажот, според тогашните сфаќања, кога зборот и сведоштвото на жената не се сметале за релевантни, но токму таа е личноста што Петар ја поставува над него и таа треба да го врати мажот на вистинскиот пат ако тој застрани. Што би значело, таа го има последниот збор.
Според традицијата, сопругата на Петар била ќерка на Аристобул, па, така, со тоа што Марко е опишан како „син на сестрата на Варнава“, тој му бил девер на Петар. Впрочем, за научниците не е спорно дека токму Петар, а ова е веројатно сврзувачката линија, е извор на Евангелието и настаните опишани од страна на Марко во најкусото Евангелие во Библијата.
Исто така, постои трогателна легенда за христијаните во Рим, кои побарале од Петар да избега од затвор за да може да се спаси и да продолжи да ѝ служи на црквата во целост. Апостолот се потчинил на нивните молби и некако избегал од затвор, но кога потоа, наоѓајќи се на пат, нему му се јавува Исус Христос, го прашува каде тргнал и тој се враќа во Рим за да биде распнат.
Едно рано христијанско предание, пренесено од Клемент од Александрија (II-III век), вели дека сопругата на Петар била маченички убиена, а кога смртта доаѓа, и додека ја воделе да умре, Петар ја утешил со зборовите: „Сети се на Господа“.
Според Еузебио од Цесареа (Еузебио од Цесареа околу 260 – 339/340 година од н.е. бил еминентен христијански теолог, историчар и епископ на Цесареа во Палестина, кој со право ја носи титулата татко на црковната историја, таа умрела прва, а Петар бил принуден да го гледа нејзиното погубување. Нема податоци за тоа како била погубена, па може само да се претпоставува дека смртта дошла со нејзиното распнување или отсекување на главата.
Кога доаѓа редот на Петар, тој ги молел да го распнат со главата надолу чувствувајќи дека не е достоен да умре на ист начин како и неговиот Господ. На небото, Петар и неговата лојална сопруга сјаат заедно како ѕвезди затоа што многумина се свртеле кон праведноста.
Дарко ЈАНЕВСКИ

