Кривична пријава за „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик поднесе Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против Х.К. и Ј.К. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција.
Според утврденото, првопријавениот, кој бил распореден како полициски службеник на граничниот премин Долно Блаце во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Север, вчера (22.11.2026) примил пари за да пушти странски државјани во земјава.
За време на граничните проверки при влез во државата, тој побарал и зел пари од лице кое управувало патничко моторно возило и во кое како сопатници се превезувале двајца државјани на Турција. За да го изнуди поткупот, полицаецот лажно му прикажал на возачот дека постои проблем со престојот на двајцата турски државјани, по што дел од примените пари му ги дал на второпријавениот.
Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола против Х.К. и Ј.К. ќе покрене и постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина. До завршување на оваа постапка, на двајцата ќе им биде изречена задолжителна мерка за отстранување од работното место, односно суспензија.

