Кривична пријава против директорот на Шумското стопанство „Стогово“ во Дебар и уште пет лица поднесе дебарската полиција поради низа злоупотреби при сеча и транспорт на огревни дрва.
Одделението за внатрешни работи Дебар ги сомничи М.П. (57) од Вевчани, директор во подружницата на ЈП „Национални шуми“, О.Ј. (64) и М.Л. (59) од селото Џепиште, вработени како референти за испорака, и архиварката В.И. (47) од Дебар за кривичните дела „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување службена исправа“ и „несовесно работење во службата“. Со истата пријава се опфатени и Б.Л. (35) и А.Л. (26) од Џепиште, кои се товарат за „помагање“.
Според полициските наоди, шемата започнала кога архиварката В.И. во службената книга евидентирала лажни податоци за наводни подносители на барања за дозвола за сеча на дрва.
Потоа, првопријавениот директор М.П. не извршил должен надзор врз овие фиктивни барања, туку одобрил дозвола за сеча и не направил увид во транспортните испратници.
Во продолжение на незаконските дејствија, референтите О.Ј. и М.Л. свесно и со умисла изготвувале испратници за огревни дрва со невистинита содржина, по што ги заверувале со свои потписи.
Улогата на петто и шестопријавениот била да им асистираат на вработените во претпријатието. Тие со сопствени товарни возила ја превезувале дрвната маса и помагале во прикривањето на кривичните дела.

