Обилните врнежи во изминатото деноноќие најмногу ја зафатија Кавадарци, каде до 7 часот утрово се измерени 15 литри дожд на метар квадратен, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Поголеми количества врнежи се регистрирани и во Виница со 13 литри на метар квадратен, Берово со 12, додека во Крива Паланка и Демир Капија наврнале по 10 литри.
Во Штип, Попова Шапка и Велес се измерени по 9 литри на метар квадратен, во Битола 8, во Претор 6, а во Скопје-Зајчев Рид и Прилеп по 5 литри. Помали количества се регистрирани во Гевгелија, Тетово и Крушево со по 4 литри, Лазарополе со 3 и Охрид со 2 литри на метар квадратен.
Студено утро е регистрирано на повисоките места. На Попова Шапка температурата се спуштила до нула степени, во Маврови Анови бил измерен еден степен, а во Лазарополе и Крушево два степени. Во Берово и Охрид утринската температура изнесувала 5 степени.
Во Прилеп, Крива Паланка, Тетово, Претор и Виница се измерени 6 степени, додека во Скопје-Зајчев Рид, Битола и Штип температурата била 7 степени. Осум степени се регистрирани во Скопје-Петровец, Струмица, Кавадарци, Демир Капија и Велес. Најтопло било во Гевгелија со 10 степени.
Според прогнозата на УХМР, денеска нè очекува променливо облачно време, со слаб до умерен ветер од северен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Дневната температура ќе се движи од 9 до 16 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност, со слаб до умерен северен ветер и максимална температура до 12 степени.

