Вишиот суд во Белград одреди притвор до 30 дена за тројца обвинети во предмет што го води Посебното одделение за организиран криминал, откако судијата за претходна постапка на 4 ноември донесе соодветна одлука.
Мерката им е изречена на Давор Мацура, Г.М. и И.П. поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на кривичното дело во краток временски период.
Дополнително, за првообвинетиот Д.М. е утврден и основ за притвор поради опасност од бегство.
Според обвинението, Д.М. се товари за злоупотреба на положбата на одговорно лице, додека Г.М. и И.П. се осомничени за истото кривично дело, но во својство на помагачи.
Судската одлука е донесена врз основа на одредбите од Законот за кривична постапка, кои предвидуваат притвор кога постојат околности што укажуваат на можност за попречување на постапката, повторување на делото или бегство на обвинетиот.
Инаку, полицијата на почеток на месецов повеќе од 30 часа ги претресуваше просториите на АЛТА банка.
Полициската акција следуваше откако Извршниот одбор на Народната банка на Србија рано наутро во саботата донесе одлука за одземање на лиценцата за работа на банката и прогласување банкрот.
Давор Мацура, кој поседува докторат по менаџмент и бизнис, е сопственик и претседател на Управниот одбор на АЛТА банка а.д. Белград, а во негова сопственост е и групацијата „Алта Пеј Груп“.

