Собраниските комисии денеска продолжуваат со разгледување на повеќе законски решенија, меѓу кои и измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои се на дневен ред на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање.
Комисијата ќе расправа по Предлог-законот во второ читање, а за него е поднесен еден амандман од пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.
Предложените измени се однесуваат на начинот на финансирање на радиодифузната дејност, со цел да се обезбедат поголема финансиска стабилност и предвидливост. Според законското решение, финансирањето ќе се утврдува на петгодишно ниво, а средствата ќе се обезбедуваат од државниот Буџет во износ од еден процент од реализираните даночни приходи, според последната усвоена завршна сметка пред донесувањето на новиот Буџет.
По завршувањето на секој петгодишен период, висината на средствата ќе се преиспитува и повторно ќе се утврдува за наредните пет години. Целта е да се овозможи континуирано финансирање на радиодифузната дејност, без да се загрози ликвидноста и редовното функционирање на државниот Буџет.
Покрај оваа комисија, за денеска се закажани седници и на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, како и на Законодавно-правната комисија.
Пратениците од Комисијата за социјална политика ќе разгледуваат законски измени поврзани со задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, како и измени на Законот за семејството. Сите три предлог-закони се во прво читање.
На дневен ред на Законодавно-правната комисија се повеќе законски решенија од различни области. Меѓу нив се измените на законите за пензиско осигурување, семејството, земјоделството и руралниот развој, Фондот за осигурување на депозити, како и предлог-закони поврзани со семејната и станбената поддршка.
Комисијата ќе ги разгледува и предлог-законот за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

