Судскиот процес против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ која исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, продолжи со сведочења на членови на семејствата на родителите, при што најмногу внимание предизвика промената на исказот на дедото на девојчето по мајка.
Часлав Драгомировиќ, таткото на Ивана Илиќ, за време на испрашувањето го смени своето сведочење околу белото возило „фијат панда“ кое се споменува во истрагата. Тој раскажа дека по исчезнувањето на Данка, неговата ќерка престојувала во семејната куќа во Брестовац и дека една ноќ, околу два или три часот по полноќ, иако била во тешка психичка состојба, одеднаш се сетила оти видела бел автомобил пред капијата во Бањско Поле.
„Не сум сигурен, но 90 проценти мислам дека ми кажа оти на автомобилот пишувало ‘Водовод’. Колку што се сеќавам, не спомена дека видела луѓе“, изјавил Драгомировиќ.
Ситуацијата во судницата се променила откако судијата побарал објаснување за хронологијата на настаните. Драгомировиќ првично тврдел дека за белата „фијат панда“ знаел однапред бидејќи присуствувал кога полицијата ги земала снимките од надзорните камери, но откако бил прашан како можел претходно да знае за возилото, го променил исказот и кажал дека снимките биле преземени дури откако ќерка му го споменала автомобилот.
Свои искази дадоа и родителите на Милош Илиќ, Милан и Татјана Илиќ, кои наведоа дека на денот на исчезнувањето не забележале ништо невообичаено кај Ивана и децата. Татјана истакна дека тие се грижливи родители со стабилен брак, на кои семејството редовно им помагало.
„Тоа утро Ивана нè повика да ја причуваме Данка бидејќи требаше да оди во општината. Набргу се врати и ништо не ми изгледаше сомнително“, посочила таа.
Братот на Ивана, Стефан Драгомировиќ, кратко сведочеше и остана на исказот веќе даден во обвинителството, додека обвинителството се откажа од сослушување на таткото на обвинетиот Срѓан Јанковиќ поради сериозна здравствена состојба и деменција.
На барање на адвокатката Вања Живковиќ, на странките им се доставени две службени белешки од испрашувањето на Далибор Драгијевиќ, братот на обвинетиот Дејан Драгијевиќ, кој почина по наводно полициско малтретирање во полициската станица во Бор, а следното рочиште е закажано за 23 и 24 ноември.

