Во Македонија за првпат оваа сезона е надминат прагот на вонсезонска активност и е регистрирана ниска сезонска активност на грипот, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за 46-тата недела (09–15.11.2026).
Во текот на 46-тата недела пријавени се 154 случаи на грип или заболувања слични на грип, што е зголемување од 37,5 отсто во однос на претходната недела, а кумулативно во сезоната 2026/2027 регистрирани се вкупно 609 случаи.
Најмногу заболени во изминатата недела се евидентирани во Тетово (49), Скопје (38), Куманово (19) и Радовиш (12), а според возраста најзастапена е групата од 15 до 64 години со 102 лица во 46-тата недела, односно 438 случаи кумулативно.
Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ во 46-тата недела од 64 тестирани материјали потврдени се четири позитивни примероци за грип (три несубтипизирани Influenza A и еден Influenza А(H3)) и три позитивни за SARS-CoV-2, додека кумулативно од 259 материјали детектирани се 22 позитивни за грип и 11 за SARS-CoV-2.
Од почетокот на вакцинацијата на 21.10.2026 година, заклучно со затворањето на извештајот, со бесплатни вакцини против сезонски грип се вакцинирани вкупно 25.458 лица од ризичните категории, а закажувањето се врши преку веб-страницата www.vakcinacija.mk.
Од ИЈЗ потсетуваат на општите превентивни мерки, меѓу кои избегнување гужви и близок контакт со болни, често миење раце, проветрување простории, витаминска исхрана и останување дома при појава на симптоми, со препорака за навремено барање лекарска помош за повозрасните над 65 години, хронично болните и при влошување на состојбата.

