Две жени во Грција се соочуваат со обвиненија за сомнеж за незаконско посвојување и продажба на новороденче по спроведена полициска истрага. Според наводите, 40-годишна жена го предала своето новородено дете на друга жена за сума од 3.500 евра, со кои потоа купила автомобил.
Според грчките медиуми, кои се повикуваат на полициски извори од западниот дел на Пелопонез, мајката на почетокот на годината го предала бебето на 32-годишна жена од Аспропиргос, во близина на Атина, објави 4news.mk.
Детето е родено во јануари во областа на Патра и засега е привремено сместено во болница.
Случајот наликува на неодамнешен настан во Македонија, каде што скопскиот Кривичен суд изрече затворски казни на пет лица за трговија со дете, откако беше утврдено дека новороденче од кумановската болница, неколку дена по раѓањето, било дадено на семејство од Скопско.
Во македонскиот случај, според првостепената пресуда, биле дадени 4.000 евра за бебето, а во посредувањето била вклучена и згрижувачка од Центарот за социјална работа.

