Квалитетот и стручноста - услов за вработените во администрацијата

Создавање на администрација која ќе биде непартизирана и неполитизирана, туку стручна, професионална, ефикасна и сервис на граѓаните, но на која ќе и се даде и можност за постојан напредок, остручување, надградување и транспарентни услови за напредување во кариерата имаат за цел законите за вработените во јавната администрација кои се во собраниска процедура. Ова го изјави заменик-министерката за информатичко општество и јавна администрација Марта Арсовска Томовска.

- Во насока на унапредувањето на административните службеници во кариерата се воведуваат сосема нови европски модели, преземени од најдобрите европски држави коишто се однесуваат на управување со учинокот на вработените по принципот на 360 степени. Тоа значи дека вработениот го оценува не само претпоставениот, како што беше случај досега, туку и колеги и соработници коишто се на исто ниво со него, на едно ниво пониско и луѓе странки со коишто вработениот соработува. На тој начин се зголемува објективноста на оценувањето, на тој начин се обезбедува една правилна оценка за придонесот на вработениот во ефикасноста, ефективноста и квалитетот на работата на самата институција. Со тоа се обезбедуваат подобри вработени, автоматски поквалитетни услуги за граѓаните, вели заменик-министерката.

Вработените ќе бидат оценувани од 1 до 5, а највисока оценка можат да добијат само 5 проценти од административците, и тие на крајот од годината ќе бидат наградени со 13-та плата. 

- За да може да постигнат добри резултати вработените ќе бидат континуирано обучувани и нивните компетенции ќе бидат дополнително развивани. Во таа насока предвидена е задолжителна обврска за институциите да обезбедат обуки за вработените коишто ќе ги зајакнат нивните компетенции, во смисла на оние компетенции коишто се однесуваат на комуникација, начин на работа, соработка со тимот, сервисна ориентација, однесување со странки, подигањето на нивото на интегритет на професионална етика, меѓутоа и стручни обуки од интерес на областа на институцијата во која што се вработени, посочи заменик-министерката за информатичко општество и администрација.

Вработените ќе треба во рок од три години да приложат доказ сертификат за познавање на странскиот јазик, а доколку тоа не го направат и по истекот на предвидениот рок ќе бидат распоредени на работно место едно ниво пониско од постојното на кое работат.

11.01.2014 - 11:09
Фото: 
Нова Македонија

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега