„Ројтерс“: Америка и Украина ќе го потпишат договорот за минералите
Соединетите Американски Држави и Украина планираат да потпишат договор за минерални суровини, по расправијата во Овалната соба минатиот петок, кога украинскиот претседател Володимир Зеленски ја напушти Белата куќа, објави Ројтерс, цитирајќи четири извори запознаени со ситуацијата.
Американскиот претседател Доналд Трамп им рекол на своите советници дека сака да го најави договорот во своето обраќање пред Конгресот, што ќе се случи вечерва, соопштија три извори, нагласувајќи дека договорот се уште не е потпишан и дека ситуацијата може да се промени.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар. Украинската претседателска администрација во Киев и Украинската амбасада во Вашингтон не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Кавга во Белата куќа
Договорот беше прекинат во петокот по спорниот состанок на Овалната соба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, што резултираше со брзо заминување на украинскиот лидер од Белата куќа.
Зеленски отпатува во Вашингтон за да го потпише договорот. За време на таа средба, Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс го критикуваа Зеленски, велејќи му дека треба да им се заблагодари на САД за поддршката наместо да бара дополнителна помош пред американските медиуми.
„Се коцкаш со Трета светска војна“, му рече Трамп.
Зеленски: Подготвени сме да седнеме на преговарачка маса што е можно поскоро
Американските власти разговараа со претставници на Киев во последните денови за потпишување на договорот за минерали и покрај спорот и ги повикаа советниците на Зеленски да го убедат украинскиот претседател јавно да му се извини на Трамп, рече еден од изворите запознаени со ситуацијата.
Зеленски на „Икс“ објави дека Украина е подготвена да го потпише договорот и рече дека му е жал за она што се случи во Белата куќа.
„Нашиот состанок во Вашингтон, во Белата куќа во петокот, не помина според планираното“, напиша тој во својата објава.
„Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро за да се доближи траен мир“, додаде Зеленски.
Што ќе биде договорено?
Не се знае дали има промени во договорот.
Договорот што требаше да биде потпишан минатата недела не вклучуваше експлицитни безбедносни гаранции за Украина, но им овозможи на САД пристап до приходите од природните ресурси на Украина. Тој, исто така, предвидува дека украинската влада придонесува со 50 отсто од идната монетизација на сите природни ресурси во државна сопственост во фондот за реконструкција управуван од САД и Украина.
Трамп вчера сигнализираше дека неговата администрација останува отворена за потпишување на договорот, велејќи им на новинарите дека Украина „треба да биде поблагодарна“.
„Ние им дадовме многу повеќе од Европа, а Европа требаше да даде повеќе од нас“, додаде Трамп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа