Полскиот премиер: Американскиот прекин на воената помош за Украина веќе стапи на сила

 

Прекинот на испораките на американската помош за Украина веќе стапи на сила, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.

„Извештаите што ги добивме од границата, од нашиот центар во Јасионка, ги потврдуваат најавите на Американците“, изјави Туск во Варшава.

Полската новинска агенција ПАП пренесува дека Туск рекол дека „нема причина да се мисли дека американските најави се само празни зборови“.

Аеродромот кој се наоѓа во југоисточна Полска, и железничката линија што води оттаму до блиската Украина се сметаат за најважни транспортни патишта за европските и американските воени резерви за Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, обично го користи овој аеродром за своите патувања во странство.

„Се разбира, ова ги става Европа, Украина и Полска во потешка позиција, но мораме да се соочиме со новата ситуација“, рече Туск, додавајќи дека неговата влада во наредните денови и недели ќе донесе некои одлуки кои би можеле да се наречат „вонредни“ и ќе имаат потреба од целосна поддршка.

Тој исто така рече дека во овој момент треба да се избегнуваат бесмислени дискусии.

Доналд Трамп во понеделникот објави дека американската администрација привремено ја прекинува својата воена помош за Украина, земја која Русија ја нападна пред повеќе од три години.

04.03.2025 - 18:39

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега