Адвокати, новинари, професори - над 20 кандидати ќе се борат за место во Лустрациска
До Собранието на Република Македонија досега стигнале над 20 кандидатури за членови на Комисијата за верификација на факти.
- Во кандидатите има адвокати, поранешни пратеници, професори, новинари, публицисти. Квалитативно, според она што го видов можам да изразам само задоволство, изјави претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски.
Се очекува Димовски да ја закаже седницата на ова собраниско за средината на следната недела, а изборот на дневен ред би се нашол на 82. седница која е закажана за 16 јануари.
На конкурсот се пријавени речиси сите досегашни членови на лустрациската комисија.
- Процесот на избор на членови на лустрациска се врши во Собрание. Има двостепеност, првото гласање е со двотретинско мнозинство, а второто е со обично мнозинство. Тоа значи дека релеватни фактори во изборот на Комисијата за лустрација се партиите кои имаат своја застапеност во Собранието, вечии Димовски.
Димовски тврди дека повеќе би инсистирал на квалитет при изборот отколку на тоа дали некоја партија поддржува или не поддржува некој кандидат.
- Квалитетот на луѓето кои сами се пријавиле да членуваат во оваа Комисија е исклучителен и мислам дека партиите треба да најдат начин да ги изберат најквалитетните кандидати. Во однос на одредени соодноси, поканата од моја страна како претседател на Комисијата за изборите и именувањата е до сите партии. Денеска почнав начелни консултации со дел од партиите, дел од парламентарното мнозинство и опозицијата и мојот апел е до сите да бидат вклучени во овој процес, изјави пратеникот.
Тој смета дека вклученоста на сите политички партии ќе гарантира подобар процес, исклучувањето на одредени партии сами по своја волја може само да нарушуваат процес и да фрлаат сенка врз него.
Во врска со најавите дека СДСМ нема да учествува во изборот и работата на Комисијата за верификација на факти, Димовски прашува дали една и единствена партија која се противи на овој законски процес, може да го наруши легитимитетот на целиот процес.
- Практично и да не постои друга политичка партија во Собранието и надвор од него освен СДСМ, којшто фрла сенка врз процесот досега. Мојата намера е сите политички партии да бидат вклучени во овој процес, но принципот на блокирање од страна на само една партија е целосно неприфатлив, изјави пратеникот.
Пратеничката Ермира Мехмети истакна дека ДУИ секогаш сакала да придонесе за функционирање на професионална Комисија за верификација на фактите и која што ќе ја врши својата задача согласно одредбите од законот.
- За нас е битно во овој момент при изборот на новите членови на Комисијата да се обезбеди континуитет во работењето во воспоставените принципи, и таа комисија да успее во таа сопствена мисија или задача што ја има и да придонесе во големото општествено помирување во минатото, истакна Мехмети.
Таа не сака да шпекулира со можни кандидатури, додавајќи дека за ДУИ се битни принципите, како за членовите на лустрациска така и за кандидатите за претстојните претседателски избори.
ДУИ очекува при процесот на гласање, лустрацијата да не стане предмет на политички препукувања или политички конфликти затоа што целта, мисијата и надлежностите на оваа комисија веројатно најмногу од сите тие тела се однесува на успехот на тоа големо помирување, кое не е само мултиетничко туку помирување помеѓу сите граѓани.
Ивон Величковски од ЛП смета дека одговорноста е подеднаква и на тие што учествуваат и на тие што не учествуваат во Комисијата. ЛП ќе ја поддржат поранешната пратеничка Ристана Лалческа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа