Усвоен Предлог-законот за мирно решавање на работните спорови, во прво читање
Македонското Собрание денеска ја продолжи 80. седница, на која расправаше за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови. Пратениците констатираа дека законот е прифатлив и оти може да се даде на натамошно, второ читање.
- Целта на измените е воспоставување нов, порационален модел за мирно решавање на работните спорови со помали финансиски ресурси и обезбедување тековно функционирање на систем на мирно решавање на работните спорови, истакна заменик-министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.
Предложениот закон треба да придонесе и за превенирање и намалување на последиците од колективните трудови спорови на страната на вработените, работодавачите,..., треба да даде придонес и во насока на побрзо остварување на правата од работен однос без иницирање долги судски постапки, намалување на бројот на судските постапки кај трудовите спорови и намалување на трошоците во судската постапка.
Пратеничката Весна Бендевска од СДСМ смета дека со денешните понудени измени се манипулира, ограничува и спречува штрајкот во Македонија.
Цветанка Ивановска од СДСМ рече дека Владата предлaга измени и дополнувања на, како што рече, „мртов“ закон, донесен во 2007, а кој ќе почне да се применува во 2015 година.
- Нема да го поддржиме овој закон затоа што не се имплементира одлука, заклучок на Влада. Владата му препорачува на МТСПП од Законот за мирно решавање на работните спорови да ги извади индивидуалните спорови и тие да преминат во Законот за работни односи или во Законот за медијација, а да останат само колективните спорови, рече Ивановска. Додаде дека има потреба да се донесе закон, но како, што рече, не со ваков концепт.
Власта, оцени таа, во својата агенда ги нема предвид работничките права, кои се скратуваат или се табу тема.
Соња Мираковска од НСДП смета дека се работи за нефункционален закон и додаде оти им лошо решение.
На денешната седница на законодавниот дом поддршка во прво читање добија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семејството и Предлог-законот за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија.
Собранието ќе ја продолжи расправата во 15 часот и 30 минути за Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2014 година, најави претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа