РФМ протестира поради непринципиелноста на ЕХФ и ИХФ

По информацијата дека ЕХФ и ИХФ не дадоа дозвола за настап на Ренато Вугринец во македонскиот национален тим на претстојното Европско првенство во Данска, Ракометната федерација на Македонија се обрати со следното соопштение:

’’Ракометната Федерација на Македонија вложи максимални напори, и ги превзема сите можни дејства поврзани со барањето за дозвола за настап на Немања Прибак и Ренато Вугринец на претстојното ЕП 2014 во Данска, при тоа запазувајќи ги процедурите и нормативните акти, пропишани од страна на ракометните авторитети.

Во оваа прилика, би сакале да изразиме огромна благодарност до Агенцијата за млади и спорт, Министерството за внатрешни работи и Владата на Република Македонија, кои во многу краток период ни излегоа во пресрет, и ги донесоа одлуките, со кои двајцата нови репрезентативци се стекнаа со Македонско државјанство, и требаше да ги бранат боите на нашиот национален дрес.

За жал, оние кои ги носат одлуките во седиштето на Европската Ракометна Федерација (ЕХФ) во Виена, Австрија, покажаа непринципиелност во водената процедура околу добивањето дозвола за настап на еден од двајцата дебитанти во репрезентацијата, дотолку повеќе, што си дозволија мешање во одлуките на водството на Меѓународната Ракометна Федерација (ИХФ).

РФМ ќе ги искористи сите можни правни инструменти кај надлежните институции за разрешување на спорот со Ренато Вугринец, но голема е веројатноста дека истиот да не добие завршница, до почетокот на ЕП во Данска 2014.

Со повредата на Наумче Мојсовски, еден од нашите ракометни лидери во репрезентацијата, и непринципиелната негативна одлука на ЕХФ во поглед на планираното засилување, сериозно е загрозена конкурентноста на нашиот национален тим.

Но, ова ќе претставува дополнителен мотив за поголема мобилизација и консолидирање на нашите репрезентативни редови. Нашите машки сениори веќе ги почнаа подготовките за првенството, и сигурни сме дека имаат капацитет и вештини за горда и достоинствена одбрана на боите на Македонија! ’’ - стои во соопштението на РФМ.

 

Македонија на европскиот шампионат во Данска ќе биде дел од групата А, заедно со Данска, Австрија и Чешка. Ова ЕП ќе се одржи во перидот од 12-26 јануари 2014.

23.12.2013 - 15:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа