Царовска: Владата вложува максимални напори да направи баланс во заштитата на работниците и компаниите

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска денеска одржа редовна координација со претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашкоска, со директорите на неколку инспекторати, синдикални организации, како и преставници на граѓанските организации Гласен текстилец, Хелсиншки комитет, ХЕРА, Платформата за борба против сиромаштија, Мрежата против насилство врз жените и УНДП.

На состанокот, како што соопшти Кабинетот на Царовска, преку апликацијата „ЗУМ“ се дискутираше за спроведувањето на мерките и препораките на Владата во делот на заштита на работничките права, инспекциските надзори, почитувањето на протоколите од страна на работниците и компаниите и можностите за користење на државна помош во случај на губење на работа.

При тоа беше констатирано дека Државниот трудов инспекторат има интензивна соработка со синдикатите и со граѓанските организации коишто работат на заштита на работничките права и постапува веднаш по поднесувањето на претставките. Состанокот беше искористен граѓанските организации да дадат свои предлози и сугестии коишто ќе помогнат во носењето на нови мерки за полесно справување со здравствено и социоекономската криза предизвикана од Ковид-19.

Вицепремиерката Царовска истакна дека Владата вложува максимални напори да направи баланс во заштитата на работниците и компаниите, односно никој да не е губитник во оваа криза.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.05.2020 - 13:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега