ДС бара посредник во спорот за името
Демократскиот сојуз денеска достави предлог до комесарот за проширување на ЕУ Штефан Филе за назначување посредник во македонско-грчкиот спор.
Демократскиот сојуз во својот предлог нагласува дека македонската Влада, политичките партии, бизнис заедниците, невладиниот сектор, медиумите и граѓаните се целосно посветени на реформите и исполнување на критериумите за евроинтеграција на нашата држава.
- Процесот на евроинтеграција на Република Македонија е во застој пред се поради наметнатиот спор од страна на Република Грција, а во врска со нашето уставно име, Република Македонија. Во оваа прилика сакам да Ве потсетам дека повеќе од осумнаесет години се водат разговори под медијаторство на претставник на Генералниот секретар на Обединетите нации, но без конкретни резултати. Од тие причини сметам дека треба да се разгледа можноста за назначување претставник од страна на Европската унија, кој што непосредно, но и во тесна соработка со ООН и САД, ќе се вклучи во надминување на спорот, вели претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов во писмото до Филе.
Трајанов пишува дека доколку темелно се проучи спорот, како и ставовите и аргументите на двете страни, можно е Европската унија да предложи идеи, преку кои ќе се деблокираат евроинтеграциските процеси и ќе започнат пристапните преговори за членство на Република Македонија во Европската унија.
Од ДС најавуваат дека нивниот предлог ќе го достават и до амбасадите на земјите членки на ЕУ, како и до амбасадата на САД.