Јаневска: Родителите малку претеруваат

 

Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека добил „преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност, обем и јавна дискусија“ случајот со  ученикот од основно училиште „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче од чие однесување се жалат родителите на неговите соученици.

По најавата дека третоодделенецот ќе биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар, почнаа да бојкотираат родители на децата што учат таму, а по повлекување на таа одлука и неговото враќање - бојкот најавуваат и родителите на деца во неговото матично училиште.

-Сметам дека е пренагласена реакцијата на сите родители, но сметам дека и училиштата треба посериозно да ја сфатат работата во однос на децата кои имаат потешкотии во учењето или во однос на децата кои имаат потешкотии во однесувањето и социјализација во сопствената средина. Овој случај трае премногу, преземени се одредени мерки, па дури и МОН формирало комисија која се вмеша во решавање на проблемот. Препорачано е детето да ја промени средината. Ако стручни лица препорачале така, значи треба да ја промени средината, рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања. 

Училиштето од кое потекнува, рече, има на располагање стручна служба (педагог, психолог, социјален работник) и директор кои треба да го решат проблем. Нагласи дека „детето не може и не смее да остане на улица“ затоа што „секое дете има право на образование кое е задолжително“. Како што рече, „државата е должна, заедно со училиштата, да му овозможат на детето да поминува низ образовен процес“.

-Не стигнав денеска да проверам, а веројатно е точно, дека детето има право да остане да се образува во општината од којашто потекнува. Во текот на денот тоа ќе биде расчистено, рече Јаневска.

Додаде дека кај детето веројатно станува збор за „некаква комбинирана промена – и во однесувањето и во учењето“.

-Министерството сериозно ќе се заложи да го реши овој проблем иако тоа не се негови ингеренции. Поголеми ингеренции имаат општините, педагошките служби, социјалните служби и одговорност секако ќе имаат управителите на училиштата, рече Јаневска. 

Посочи дека доколку во следните два-три дена не се најде решение, МОН „повторно ќе се инволвира“ и дека таа ќе се сретне со сите релевантни чинители со кои треба да разговара, нагласувајќи притоа дека „решението треба да биде задоволително за сите страни“

04.12.2024 - 15:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега