Ангелов за АНА-МПА: Оптимисти сме за изнаоѓање решение

По дефиниција сме оптимисти и треба да го туркаме процесот за да најдеме решение, вели македонскиот амбасадор Дарко Ангелов за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека треба да бидеме претпазливи затоа што постојат и ризици кои можат да го доведат процесот во опасност.

Шефот на македонската канцеларија за врски во Атина, во кусото интервју, вели дека сега постои контекст што го прави барем малку поверојатно и поодржливо изнаоѓањето решение во споредба со претходно и додава дека постои позитивна динамика и во двете општества

- По дефиниција сме оптимисти. За нас решението е приоритет веќе 26 години. Очигледно е дека нашата евроатлантска перспектива е заглавена во прашањето за името и во приговорите за уставното име. По дефиниција, треба да бидеме оптимисти за процесот да оди напред. Тоа е она што го правиме во изминатите месеци, се обидуваме да го туркаме процесот, за да најдеме решение. Имаме интензивен дијалог со грчката влада, вели шефот на канцеларијата за врски на Македонија во Атина, за грчката новинска агенција.

Ангелов додава дека треба да бидеме претпазливи, затоа што ако стануваше збор за едноставен случај ќе се решеше до сега, но вели дека за жал проблемот се уште не е решен.

- Се разбира постојат и многу ризици што во следниот период, можат да го стават во опасност процесот. Ќе видиме. Најважно е дека повторно комуницираме, нешто што не беше случај во изминатите години, вели амбасадорот Ангелов за АНА-МПА, пренесува МИА. 

 
 

 

 

22.01.2018 - 17:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега