Претседателот Иванов со честитка за Трамп: Јакнење на пријателството меѓу двете земји

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати честитка до Доналд Трамп по повод стапувањето на должноста Претседател на Соединетите Американски Држави.

Ви ја пренесуваме честитиката интегрално:

Ми претставува особена чест и задоволство да Ви го честитам стапувањето на должноста 45-ти Претседател на Соединетите Американски Држави и да Ви упатам најискрени желби за успешно извршување на високата и одговорна функција. Воедно, преземањето на должноста Ви го честитам и во името на сите граѓани на Република Македонија.

Дозволете ми, во оваа свечена пригода, да искажам надеж дека со заемен ангажман ќе дадеме личен придонес за интензивирање, продлабочување и зацврстување на стратегиското партнерство и пријателство меѓу Република Македонија и Соединентите Американски Држави, за што потврдувам дека постои особен интерес и подготвеност од Република Македонија. Длабоко сум уверен дека со Вашето лидерство Соединетите Американски Држави ќе продолжат по патот на прогресот. Но верувам дека Вашето лидерство e значајно и на глобален план, посебно сега кога светот се соочува со бројни предизвици и кога повеќе од било кога е неопходно единство, заемно почитување и искрена соработка. Високо ги почитуваме Вашите ставови и надворешно политички цели. Глобалниот поредок има потреба од јакнење на пријателството меѓу државите, без наметнување на интересите и со почитување на правото на избор на нациите во светот. Сакам да знаете дека во Република Македонија и во мене имате искрен пријател и поддржувач.  

Почитуван Претседател Трамп, со искрени желби за Ваше добро здравје, лична среќа и многу успеси во извршувањето на значајната и одговорна должност, Вам и на Вашето семејство, Ви упатувам изрази на највисока почит.

 

 
 
21.01.2017 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега