Алиса во земјата на чудата

Полека ја облекува пионерската униформа. Капата ја повива на половина пред внимателно да ја вдене со шноли во раскошната коса. Внимателно ја дипли марамата, и со математичка прецизност ја затегнува со прстенот, поклон од времето кога ја даваше заклетвата во партијата. Подготвена е да се сретне со новиот претседател на нејзината земја, победник на претседателските избори во 2009 година. На собирот се упатува заедно со градоначалникот на најголемиот град во нејзината земја, убедлив победник на локалните избори во 2013 година. А на победничката бина покрај Алисапредвидено е да биде качен и вечниот лидер на нејзината партија,познат сервисер во “Лада“. Само што се беше подготвила, пред заминување, буквално пред врата добива порака, честитка за победата од поранешниот градоначалник на еден помал град во нејзината земја, кој случајно се најде на тронот на нејзината партија. Со кисела насмевка ја прочита пораката и инстантно ја избриша. “Не е сега време за ситни риби и гребатори”, промрмља  таа и силно ја тресна вратата.  Наместена во горда поза, со цинична усна полна со себе влезе во лифтот од нејзината луксузна хациенда продолжувајќи да си мрмори сама на себе “Сите се свесни дека овој успех е мој и само мој”. На крај ми се исполни најголемата желба за која вредеше да живеам, станав премиер во мојата земја.

Но, одненадеж нешто неочекувано ја вознемири состојбата, нешто ненадејно се случи, и оп Алисаодеднаш се најде на некакво чудно место, од сите страни некакви небањати женички, селски носии, лебче, винце, сол, некакви дечишта несмасно и без усул, без грам домашна култура се размавале со кал, фрлаат со вода по нејзините штотуку купени Маноло Блахник салонки.   

Испотена, цела оросена на лицето Алиса срипува од креветот со силен крик, леле мајко ма што беше ова? Какви се овие ноќни мори што ме обземале, та тиштат ли тиштат. Дали е ова можеби некаков божји глас, божји сигнал дека ме чека одлична кариера, или само лош сон, лоши вибри ми го нападнале мозокот. Сепак, по неколку штипкања на обравчињата за да си дојде на себе Алиса сфаќа дека сево ова било сон, ова било само неубав сон! Но, си рече Алиса, кога ќе подразмислам, можеби не е само сон... визија ќе да е, моја голема визија! Настрана оние женишта и дечишта, се друго е навистина моја визија, визија која јасАлиса морам да ја остварам, бидејќи тоа е навистина мојата животна инспирација. Бидејќи, Алиса заслужува! Седнува пред огледалото и ја почнува својата утринска мантра која вообичаено ја кажува на глас, за да се убедува во целиот дух и тело – ти Алиса, продолжува мантрата, навистина заслужуваш повеќе, ти заслужуваш повеќе...ја повторува точно 103 пати, и ете, веќе е подготвена за нови битки, за нови победи.

Сепак, не може а да не се наврати на сонот. Што би било кога би било... она мало човече од 2009 година (како ли му беше само името, на врв јазик и е ама не може да се сети) да победеше на изборите! До сега сигурно веќе нејзината земја ќе беше и во НАТО и во ЕУ, додуша под некое сосема друго име, ама ќе беше едно со сите други земји, вака ништо. Сега, тоа малото човече е прилично оштетено, не бива да се репарира или рециклира, башка убаво му оди интернет бизнисот, ама сигурно ќе се најде некој друг...

А и оној од локалните избори 2013, и него го пробавме за претседател и тој до душа стварно стана фаца, сега навистина е претседател, ама на куќен совет, не е важно битно е дека е претседател на нешто. И на партија е претседател. Никој не е сигурен како се вика партијата, ама тој е претседател. Не, и со него не бива, од ќорец куршум не бива. А она другоно маже од поголемиот град...а она третото маже, или она четвртоно, или сепак да пробам со некоја жена...Ма не, Алиса која друга жена освен јас. Сите други се десета класа под  мене. Не бива да спаѓам на десеторазредни. Можеби е најдобро да го повикам сервисерот. Тој знае како се поправаат работите а башка и добро се познаваме. Можеби ми е малку лут, ама ќе го обработам и пак ќе ми прости, башка стари другари не можат да се заборават. Ќе го помантрам малку да му придадам значење и пак ќе терам по старо. Јас сум стварно непобедлива, стварно сум кул и ги возам сите како сакам. Та нели 103 пати секој ден си кажувам колку сум убава и паметна, и тоа пред огледало.

 

 Јас сум, д уан енд онли, волшебната Алиса од една земја на чудата...

Проф.Др. Тања Каракамишева Јовановска

 
 
08.02.2016 - 19:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега