Со поддршка од ЕУ ќе се санираат штетите од поплавите во Пелагонија, Струмичко и Тетовско

Со финансиска поддршка  од Европската унија во износ од 9,8 милиони евра ќе се санираат штетите од поплавите што настана во јануари и февруари годинава во Пелагонија и Струмичко и во август во Тетовско. Во првата фаза ќе се инвестираат 3 милиони евра за рехабилитацдија на инфраструктурата, а потоа ќе бидат доделени дополнителни 6 милиони евра за спречување на идните поплави.

Договорот со кој се означи почетокот на програмата на ЕУ за надминување на штетите од поплавите денеска во СЕП го потпишаа вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, евроамбасадорот Аиво Орав и постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон.

- Македонија во текот на годинава се соочи со две големи природни непогоди кои предизвикаа сериозни штети. Европската унија покажа флексибилност и разбирање за состојбата и беа пренеменети средства од ИПА за поддршка на Република Македонија за надминување на последиците од поплавите и санирање на штетите, рече вицепремиерот Бесими.

Тој посочи дека првично беа обезбедени средства за да им се излезе во пресрет на семејствата и да се надохнадат првичните штети во земјоделството, а потоа беа направени анализи заедно со УНДП и експертите од ЕУ и Светска банка за да се направи стандардизирана проценка за штетите.

Прецизира дека во периодот јануари-февруари во Македонија имаше проценети штети од поплавите во висина од 35 милиони евра, а во август 30 милиони евра. Проценката се однесува на првичните штети, штетите во земјоделството и во инфраструктурата.

- Денеска договораме поддршка за транспортната инфраструктура и санација на брани и речни корита. Првиот дел од помошта на ЕУ во висина од 3.012.500 евра е наменета за рехабилтација и реконструкција на транспортната инфраструктура. Градежните работи ќе се спроведуваат преку УНДП во соработка со националните партнери. Во текот на наредните две години помоштта од ЕУ за поплавите ќе достигне до 9.831.261 евро, прецизира Бесими и додаде дека постапките веќе се во тек, а со потпишувањето на договорот почнува и операционализацијата на терен.

Реализацијата на проектите, нагласи, се очекува да биде финиширана во текот на наредната година.

Евроамбасадорот Орав рече дека првите 3 милиони евра од помошта ќе се искористат за реконстукција на патиштата, а останатите за санирање на речните корита и браните, правење на подобар приод и осигурување од идни поплави.

- Во интерес на земјата е да имплементира политика за надминување на штети од поплави. Тоа значи да се бориме против климатските промени и да работиме на заштита на реките за осигурување од евентуални идни поплави. Неопходно е да се направат промени во националното законодавство во таа насока, потенцира Орав.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Винтон посочи дека превенцијата од климатските промени бара нови и итни мерки.

- По страшните поплави кои го погодија Тетово УНДП направи проценка за ризиците од полави од речните корита на Црна Река, Струмица и Пена и изворите во Полог. Се направија и симулации за евентуални поплави во урбаните и руралните области и еконмомската поценка ни помогна да ги воочиме областите каде има висок ризик. Тоа ни дава самодоверба да го реалзираме проектот за надминување на штетите од поплавите и да ги поправиме оштетените речни корита, брани и патишта. Нашата работа денеска е да изградиме подобро утре, порача Винтон.

 
 
11.12.2015 - 13:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега