Собранието продолжи со расправата за буџетот

Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи расправата по Дополнетиот предлог на буџетот за 2016 година што почна вчера.

Пратениците, генерално, како што и самите оценија, зборуваа за сосема други теми, најмалку за Буџетот. Се препукуваа која политичка партија што направила, колку и какви проекти реализирала, кој колкав имот има, што сторила за невработеноста, пензиите и земјоделските субвенции актуелната власт, а што СДСМ кога раководеше со државата.

На почетокот на расправата, Васил Пишев од ВМРО ДПМНЕ рече дека опозицијата како секогаш, ќе изнесува неиздржани ставови, а ВМРО ДПМНЕ и колицијата со аргументи ќе ја докажуваат издржаноста на Буџетот. - Овој Буџет ќе донесе нови работни места и ќе ја направи Македонија постабилна, порача Пишев.

Според Томислав Тунтев од СДСМ, ова е десетиот обид на оваа власт да го покрие,како што рече самоволното, ненаменско, непродуктивно трошење на народните пари. - Бројките во реалноста се поразителни и воопшто не соодветствуваат на оние во Буџетот. Секоја втора куќа е иселена, има помалку првачиња, џебовите на граѓаните се плитки, а паричниците празни, истакна Тунтев.

Според Ѓорѓи Коџобашија, иако има легитимно право да не се согласува со Буџетот, опозицијата истовремено има и обрска да зборува со аргументи, кога критикува да каже што не е во ред и што предлага за евентулно подобрување.

- Ако имате доблест ќе им кажете на граѓаните дека не го поддржувате Буџетот од партиски причини, а со тоа и дека ќе гласате против изградба на нови фабрики во кои Светска банка предвидува вработување на над 20.000 граѓани, против зголемување на 300.000 пензии, против зголемување на социјалната парична помош, четирикратното зголемување на поддршката во образованието и земјоделството. Кажете им на граѓаните дека вашата партиска визија има единствена стратегиска цел - СДСМ да се врати на власт, а стандардот и економскиот развој за вас се прашања кои не заслужуват одговор, посочи Коџобашија.

Реплицираше Тунтев, децидно нагласувајќи дека СДСМ ќе гласа против Буџетот зашто во последните десет години додека други земји станале членки на ЕУ и постигнале евидентен стопански развој, Македонија назадувала, а тоа, меѓу другото, било последица на начинот на кој е скроена државната каса.

Трајче Димков му возврати, укажувајќи на, како што рече, разликите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. - Вашиот последен Буџет беше многу помал и тоа укажува на разликата меѓу вас и нас, а кога зборуваме за реализацијата на проектите, на она што е ветено, кај нас е стопроцентна што со вас не е случај. Премиерот оди во секое село и дел на Македонија, разговара со жителите за проблемите, ги решава и тука е разликата, исто така во однос на платите, ние ги зголемуваме, а вие ги кратевте, а „Скопје 2014 е проект базиран на понудена програма која граѓаните ја поддржаа со гласањето. Особено ве фати паника кога почна да се спроведува  зашто не се во прашање само спомениците, туку и поттикнувањето градежна експанзија, отворањето работни места, обезбедувањето свремени објекти за институциите,...., рече Димков.

Сашо Василевски, пак, ја обвини СДСМ дека секогаш оспорува добро реализирани објекти. Зборуваше за автопатиштата, здравството,... 

Седницата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.

 
 
17.11.2015 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега